Les Amazones d’Afrique е креативна сила што ги обединува меѓународните гласови. Групата е формирана во Бамако, Мали, во 2014 година од три познати малиски музички ѕвезди и активистки за општествени промени: Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Мириам Думбиа (од Amadou and Mariam). Овој женски колектив се соедини преку заедничка музичка визија, но и со јасна цел: да се залага за родова еднаквост и да го насочи вниманието кон сериозниот проблем на насилството врз жените. Името го добиле од Амазонките од Дахомеј, женските воини кои 200 години го штителе кралството Дахомеј (денешен Бенин). Колективот подоцна се проширил и вклучил многу женски уметници од Африка и дијаспората, вклучувајќи ги Анжелик Киджо, Нека и Рокиа Коне. Иако нивната цел — промовирање родова еднаквост и искоренување на традиционалното насилство – сама по себе е доволно значајна, нивниот музички израз е подеднакво моќен. Богат со мелодии и стилски разновиден, тој спојува пан- африкански звуци и колективни хармонии со суров, современ поп. Користејќи ја музиката како форма на кампања за родова еднаквост, Les Amazones d’Afrique настапувале на бројни големи фестивали и сцени низ светот. Со три албуми зад себе, нивната силна енергија и препознатливото присуство, се вбројуваат меѓу најважните гласови на современиот западноафрикански феминизам.