Марија Жоао неодамна издаде албум со кој ја прослави 40-годишната кариера. Снимен во Лисабон и во Мозамбик, “Abundância” (2025) е плоча за нејзиното враќање кон корените. На сесиите во Мозамбик учествуваат локални музичари и чудесен хор кои оставаат печат на изданието продуцирано од мајсторот на електроника, Луиш Фернандеш. Секогаш отворената приказна на Марија Жоао повторно нуди нова визија која во една песна може да премине од џез во електроника и да го адаптира гласот на нотите на инструментите. Нејзиното име е неизбришливо од историјата на португалскиот џез. Пред повеќе од 40 години, во 1983-та, со нејзиниот настап во Orfeu и истоимениот албум, Марија Жоао тргна на своето уникатно патешествие. Нејзиниот опус е манифестација на слободата која ја нурна во најдлабоките акустични традиции, а со еднаква леснотија ја вивна и во електрониката. Марија Жоао е глобално признаено живо богатство. Иднината секогаш е најдоброто место, верува пејачката која со декади градеше различни успешни партнерства, од Марио Лагиња до Карлос Бика, Аки Такасе, Андре Мехмари, Колективот Огре, Егберто Гисмонти, Џо Завинул, Трилок Гурту... Со “Abundância“ таа повторно ги премина музичките мостови меѓу минатото и сегашноста, џезот и „музиката на светот“, ритмите и мелодиите. После Лисабон, ОФФест е првата европска концертна премиера на новиот проект.