Музиката на Флоренс Адони е синтеза од Фрафра госпелот и живиот и оптимистички хајлајф звук. Но, и многу повеќе од тоа. Ова е повеќеслоен приказ на инструментална виртуозност, испревртени синкопирани ритми и богати вокални хармонии. Родителите на Флоренс Адони се Фрафра, а таа родена на југот на Гана. Фрафра заедницата е од северот на Гана и има специфични обичаи кои видно се разликуваат од оние на Ашанти луѓето од југот. Бидејќи од самото раѓање е изложена на различните култури, Флоренс Адони лесно ги спојува двата света. Нејзиниот прв албум “La Pa’aya” (2011) е инстант хит, а работите драстично се менуваат две години подоцна. Германскиот продуцент Max Weissenfeldt ја истражува Гана и сосема случајно ја запознава Флоренс во продавница за музика, каде таа самата го дистрибуира својот втор албум, “Da Sake” (2013). Следуваат низа соработки со локални супер-групи и таа во 2018-та за прв пат доаѓа во Европа. Нејзиното прво меѓународно издание “Mam Pe’ela Su’ure” (2021) веднаш го свртува вниманието и веќе во 2023-та настапува на неколку проминентни фестивали. По повеќе од 70 европски концерти во последниве две години Флоренс Адони доаѓа во Скопје со свеж материјал од албумот “A.O.E.I.U” за Philaphone records.