Педесет години како таранта ритмите на Canzoniere Grecanico Salentino (CGS) исцелуваат и пулсираат. Тоа се половина век на исклучително возбудлива музика и сензационални живи настапи. Основани во 1975-та од фамилијата Дуранте, а сега предводени од визионерот наследник Мауро Дуранте, CGS континуирано ги негуваат своите корени од јужна Италија и ја носат традиционалната жештина на сцените низ светот. Писателката Рина Дуранте е онаа која тогаш ја оживеа идејата, а денес Canzoniere Grecanico Salentino се водечкиот и најдолговечен фолклорен состав во Италија. Неуморни се и постојано го реобмислуваат својот репертоар. Сега, групата е жив пример за изведувачи кои што ги подмладуваат музичките и танцови pizzica традиции за глобалната публика. CGS вибрираат со енергијата на древниот pizzica taranta ритуал, за кој се вели дека со избезумувачкиот танц што турка во транс, се лечи и отровното каснување од тарантулата. А не е ни чудо што по 20 албума и небројни концерти, Canzoniere Grecanico Salentino во 2018-та ја добија наградата за „Најдобра група на светот“ на Songlines music awards. Девет години по фантастичниот настап на ОФФест се враќаат во Скопје како дел од славеничката турнеја.