Домородна група која потекнува од Совето во Јужна Африка, BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness) ги пренесе своите високоенергетски ритми низ целиот свет. Нивната уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија, им донесе обожаватели од сите краишта на светот. Настапувале на сите престижни фестивали како Glastonbury, Roskilde, Sines, Womad, Sziget итн. Во 2023 година, BCUC беa одликувани со
престижната награда WOMEX Artist Award, признание кое обично е резервирано за поетаблирани артисти, резултат на нивната бестрашна работа и трансцедентни настапи во живо. Тие се враќаат на јубилејниот OFFest по две години, како еден од најдобрите состави во целата историја на фестивалот, овојпат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“. По 23 години постоење, тие продолжуваат да настапуваат со истиот бунтовнички, активистички дух со кој започнале. Преку живописен, хедонистички транс-звук, ги претставуваат богатите традиции, вера и ритуали на нивната татковина. Нивното мото „музика за луѓето, од луѓето, со луѓето“ се пренесува и на публиката на нивните настапи, при што многумина се вовлечени во ритуалистичкиот звук на нивните повторувачки бас линии и тапани.